„Целта на секој бизнис е да создаде препознатлив бренд“
Изјави генералниот директор на нашата компанија Душко Стојков, во интервју за Instore бизнис магазинот.
„Колид С Тим“ триесет години е присутна на пазарот. Раскажете ни повеќе со какви предизвици се соочивте во овој период?
Почетоците на „Колид“ како дистрибутивна компанија датираат од далечната 1994 година. Тоа е периодот во кој големите општествени претпријатија полека ги губеа својата сила и моќ и постепено се отвораше простор за малите трговски фирми. Специфично за тоа време е што директорите или трговските претставници на фирмите од поранешната држава ги приватизираа тие фирми и со одреден капитал, знаење и искуство, на релативно лесен начин можеа да ги приватизираат или да основаат свои приватни фирми. Ние како „Колид“ не бевме во таква ситуација, јас и мојот партнер имавме предизвик како да најдеме средства за почеток на нашиот бизнис. Јас имав неколкугодишно искуство како одговорен за набавка на стоки за широка потрошувачка за неколкуте продавници што ги имаше тоа претпријатие и имав точни сознанија што недостига на пазарот. Но, предизвикот беше како да дојдеме до средства и единствен начин беше да бараме заеми од луѓето во Колешино, местото во кое што живееме. Бидејќи тоа беше време во кое луѓето ја имаа изгубено довербата во банкарскиот систем на земјата, во нас гледаа сигурност за чување на нивните скромни заштеди, што секако беше од голема корист за нас.
Нашиот прв планиран проект беше увоз на сладолед од Грција, но бидејќи немавме никаква инфраструктура – складиште, ниту возила, мораше да најдеме начин како да го реализираме тоа. За среќа, грчкиот партнер во тоа време ни понуди услуга со нивни камион да го дистрибуираме сладоледот во регионот на Југоисточна Македонија, па на крајот на денот, кога стоката беше продадена, возилото пак се враќаше во Грција. На ист принцип увезувавме и дистрибуиравме сувомесни производи од Австрија и од Франција. По царинење на стоката доаѓаа купувачите и за неколку часа производите беа распродавани директно од самото возило. Клучен момент за развојот на фирмата беше кога ги „намирисавме“ кроасаните како категорија која воопшто не беше застапена кај нас, а во која видовме голем потенцијал. Во тој период потпишавме договор со грчката компанија „Чипита“ и со брендот 7 days направивме импозантни резултати. Со текот на времето најдовме уште неколку квалитетни брендови и компанијата продолжи да се движи во многу добра насока. Во 2012 година, по повеќемесечно размислување и консултација со мојот партнер, одлучивме компанијата „Колид“ да ја поделиме на две компании и „Колид С Тим“ е една од двете компании што се правни наследници на „Колид“. Главен мотив за оваа одлука беше да го забрзаме процесот на донесување деловни одлуки, бидејќи сфативме дека е застарен изразот „Големите риби ги јадат малите“, туку е актуелен „Брзите риби ги јадат бавните“, така што секој од партнерите ќе може самостојно да одлучува за идните потези и инвестиции. Иако знаевме дека потегот е многу ризичен, бевме убедени дека е исправен и дека позитивно ќе влијае врз натамошното работење. Гледано од денешна перспектива, се докажа дека таа одлука е исправна и од една добра дистрибутивна компанија „Колид“ израснаа две одлични компании.
Целото интерју може да го прочитате на следниот линк